Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денес се обрати на настанот организиран од Унијата на жени на партијата, истакнувајќи дека партијата се соочува со политички терор.
-ВМРО-ДПМНЕ се соочува со политички терор, кој резултираше со притвори меѓу кој има и жени, пред се мајки како Жаклина и Елена. На пратениците им доделија притвор, па дури потоа им го симнаа имунитет. Политички процес парекселанс. За ова прекршување на законот мора да има одговорност, рече Мицкоски.
Тој се пожали дека и за него често знаеле да кажат дека е продолжена рака, со цел како што рече да го потценат и да го направат помал во очите на јавноста.
-Во оваа прилика сакам да им порачам, не само што криво нишаните туку и погрешно пукате, јас Христијан Мицкоски сум единствено на страната на народот, и со таа помисла влегов во политиката и тоа начело ќе ме води до последниот ден од ова мое поглавје во животот. Токму затоа е стравот голем, бидејќи народот многу добро ја соголува нивната прозирна политика и хируршки прецизно ја гледа нивната неподнослива неспособност, општествена и политичка, вредносна и човечка, како сакате, истакна тој.
Мицкоски потсетува дека тој беше дел од ВМРО-ДПМНЕ и во добро и во лошо како и многумина. Рече дека бил сведок на многу падови, но и блескави победи.