Додека се случуваат сите овие проблеми, пропагандите на соседите никогаш не престанаа. Додека оваа власт не убедува во придобивките од добрососедскиот договор кои самите го склучија, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Според него познати ни се намерите на бугарската политика, но необјаснив е молкот на македонската власт.
-Да бидам искрен не очекувам дека Али Ахмети ќе се прекрши за Македонците во Албанија, но барем Ковачевски да преземе мерки и да реагира на ваквиот отворен притисок за асимилација која гледаат како им се случува пред очи, озјави Мицкоски.
Мицкоски ги повика Македонците да бидат дел од пописот во Албанија.
-Јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат, и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност. Следуваат промени во Македонија и како Македонци и Македонија како нивна држава од која тие влечат потекло, ќе им помогне во иднина, и ќе ни биде полесно повеќе да се вклучиме во поддршката за развој и негување на македонските особености и култура. Апелирам сега кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот, рече Мицкоски.