Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 Степени“ изјави дека не ја игнорира реалноста во однос на новото уставно име, но, истакна тој, никогаш нема да се сложи со називот Република Северна Македонија.
-Кој вели дека ние ја игнорираме реалноста? Ние сме дел од владата на државата со оваа придавка. Но, не можам никогаш да се сложам со административното име бидејќи тоа е спротивно на моите принципи. За мене оваа држава длабоко која во себе ја носам како што сум ја наследил и ќе ја пренесам на моите потомци е Македонија, и тука не треба да има дилема – вели Мицкоски.
Одговарајќи на прашањето како ќе изгледа во пракса кога би седнал пред табла на која пишува Северна Македонија, тој рече дека прво ќе треба да дојде до таква ситуација, па после ќе наоѓа начин за функционирање.
-Јас лично не можам да бидам лицемер и да кажам дека оваа реалност ќе ја игнорираме. Таа е реалноста којашто ни ја донесе Зоран Заев и СДСМ. Но, никогаш јас не можам да се сложам со оваа придавка – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека ставот на ДПМНЕ во однос на договорт со Грција, но и во однос на договорот со Бугарија, е јасен дека не се согласиле со нивната содржина.
-И овие ултиматуми ќе не потсетуваат на предавството и капитулациите на Зоран Заев и СДСМ, и тука нема апсолутно никаква дилема. Никаде не пишува да ги промениме сведителствата. Кој го тераше Зоран Заев да ги промени сведетелствата кога ние се уште не сме го отвориле поглавјето за образование – кажа Мицкоски.