Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски парнер ја преферира албанската опозиција, но дека важно и да се има двојно мнозинство во Собранието.
-Јас ја преферирам албанската опозиција, но честопати го говорам тоа и ќе го повторам во вашата емисија дека, сепак, има едно правило над сите правила и желби, а тоа е правилото на Бадентер кое, доколку сакаме да имаме успешно спроведени реформи, мораме да го почитуваме, рече Мицкоски.
Прашан дали би коалицирал со ДУИ, партија за која пред неколку месеци, во периодот на прифаќање на т.н. француски предлог, рече дека „влезе во пакт со Бугарија и го предаде македонскиот народ“, Мицкоски одговори:
-Јас стојам на ставот дека тоа беше историска грешка на Али Ахмети и неговите соработници и без разлика дали утре би соработувале, би седнал и би поставил сериозни критериуми како таа влада би функционирала. Во животот не значи дека ако некој погрешил, вие треба да го отпишете. Христијански е да се седне, да се прости, да се разговара, да се укори, да се вкрстат аргументите и од човекот што погрешил, впрочем, сите сме грешни луѓе, да направиме човек кој ќе биде на вистинската страна на историјата, рече Мицкоски.