Мицкоски: Националните теми никогаш не му донесоа добро на Балканот

by fokus

Пред земјите од Западен Балкан претстојат сериозни предизвици, но мораме да покажеме мудрост и зрелост која ќе рефлектира визија и перспектива на регионот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за денешниот број на белградскиот весник „Политика“.

– Верувам во нова заедничка иднина и заеднички патриотизам кој ќе не обедини во решавањето на заедничките проблеми, да се бориме за подобар стандард, за подобро образование и здравство. Да ги оставиме големите национални теми кои на Балканот никогаш не му донесоа добро, да се бориме за подобар живот, бидејќи само тоа може да донесе прогрес. Во тој контекст за поздравување е секоја иницијатива која ќе го акцелерира тој процес и ќе демонстрира зближување на народите. „Отворен Балкан“ во тој контекст е добра можност за продлабочена соработка, вели Мицкоски.

Тој нагласува дека на „Отворен Балкан“ не гледа како на замена за ЕУ, туку како на иницијатива што може да помогне во полесна комуникација на регионот и лидерите треба да се фокусираат на точките кои не поврзуваат, а не на тие кои не разединуваат.

– Да инвестираме во доверба и блиски контакти за да овозможиме регионот да се развива, да учествуваме во заеднички инфраструктурни проекти, но и почеста комуникација. Потребна е мудрост и разум, да не се произведуваат нетрпеливости, туку да произведуваме добра енергија. Бараме почит, но и даваме почит. Да ги затвориме неславните поглавја од нашата историја и да ги потенцираме точките на пријателство. И тука постои огромен потенцијал за работа. Ние мораме да ја завршиме таа работа, тоа пред се е наша задача, а не на Европската Унија, оценува Мицкоски.

Во однос на перспективите на земјите од регионот за членство во ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека напредокот треба да биде базиран на вредности и заслуги, но нагласува дека Балканот е заморен од лажни надежи и чекање.

Поврзани новости