Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Прилеп го одбележа денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
-Денес сме тука во градот херој одбележувајќи го денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, и не случајно Прилеп е местото каде го паметиме и благодариме на почетокот на народно ослободителното движење и народноослободителната борба. И нашата борба за слобода не е никаков изолиран случај туку континуиран процес на неколку Илиндени. 9 мај немаше да се случи, ако претходно не беше 11 октомври неколку години порано, а денес седиме овде наспроти плочите каде се вклесани имињата на 462 партизани од НОБ од Прилеп и околината кои ги дале своите животи за нашата денешна слобода и држава. И имињата на овие луѓе не треба никогаш да заборавиме бидејќи буквите на нивните имиња се испишани со падната крв за нашата слобода и иднина. Ете толку е скапа нашата слобода и државата која што е спечалена со крв, пот и страдања, истакна Мицкоски.
Тој испрати и критики до сегашната власт, а истакна и дека нашиот единствен пат е во ЕУ.
-И Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада, и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна. Затоа што нашата европска иднина се загрозува со секој криминален тендер кој оваа влада ќе го направи, затоа што денес Бугарија е пречка, но во истиот момент станува пречка и кога овие што штанцале пасоши на белосветски криминалци ќе примат удар како топовско месо и ќе лежат по смешни 2 години затвор, само за да нема одговорност за главата на криминалната мафија, затоа што такви како Рашкоски има секоја општина, министерство или претпријатие, десетпати повеќе од тоа што јавноста го знае.
Точно е тоа дека нашиот единствен пат е кон Европската Унија, која мора повеќе да се ангажира околку обезбедувањето на нашата иднина. И затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам, преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него. Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини. Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму за да ја добие заслужената правда, а да ја добијат и сите оние кои што се неправедно обвинети и неправедно осудени од ова обвинителство и судство кое е под целосна чизма на власта на Зоран Заев, истакна Мицкоски.
Тој ги спомена и осудените за „27 април“.
-Ние бараме правда а не милост, правда за стореното, а не да луѓето ги обвинуваме и прогласуваме дека се терористи затоа што не направиле нешто односно, терористи со несторување. Бараме праведност за Пешов, Лазаров, Леви, Пепиќ, Јане Ченто, Ангелов, Фета Аљими, Чавков и сите останати во овој случај. Не можеме да стоиме мирни доколку на политички монтираните случаи молчиме и одобруваме. Не сум јас да се замолчи на насилството, но против тоа сум кога поради политички потреби и кампања таквото насилство се смета за тероризам за да истите тие лежат по 17 години, додека овие со македонски пасоши од мафиите низ светот убиваат и крадат со македонски пасош, рече Мицкоски.