Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при посетата во Гевгелија, во одговор на новинарско прашање во врска со неодамнешната изјава на Оливер Вархеји кој рече дека со делувањето на опозицијата ги преминала црвените линии, истакна оти ВМРО-ДПМНЕ мора да ги држи своите позиции бидејќи „е партија од народот и мора да ги штити неговите интереси“.
– Македонскиот народ е жестоко нападнат од асимилаторските потреби од страна на нашиот источен сосед, односно да бидам попрецизен – од една земја членка на Европската Унија, а тоа е соседна Бугарија. Ние сме партија за македонско национално единство и не смееме да избегаме од тоа. Тоа што јас го гледам на отворена сцена овие денови е обидот на власта, но и на нејзините инсталации во опозицијата да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и јас морам да ја искористам оваа прилика да упатам една порака дека тоа се јалови напади кои нема да имаат успех бидејќи позади ВМРО-ДПМНЕ е народот, кој препозна чесна борба во ВМРО-ДПМНЕ. Јас ги препознав тие инсталации, ги препозна и народот и затоа тие инсталации се поразени и повторно ќе бидат поразени. Истите тие сега сакаат да фатат приклучок со ВМРО-ДПМНЕ вршејќи ваков притисок, уценувајќи, мислејќи дека утре кога ќе има ВМРО-ДПМНЕ владино мнозинство, повторно тие ќе уживаат некакви привилегии и бенефити на грбот на народот. Ова е ново ВМРО-ДПМНЕ, реформирано, реструктуирано и политиката на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде заложник на овие инсталации или јас како што ги нарекувам – полусвет, сѐ додека сум јас претседател, изјави Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, или ќе биде партија ќе има три основни карактерни особини: чест, работа и напредок, или ќе биде партија која ќе се враќа во минатото каде ќе има сомнежи за сторен криминал, сомнежи со кои, како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ ќе го враќаат назад.
Затоа, нагласи тој, сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и понатаму да го штити македонскиот идентитет бидејќи единствената црвена линија која е помината е линијата на достоинството.
На новинарско прашање за коментар за информациите оти по 25 години професионална служба во безбедносниот систем на државата Наќе Чулев бил избркан од работа Мицкоски истакна дека тие како партија „се навикнати четири и пол години, колку што е тој претседател, вакви работи да се случуваат“.
-Тие се пресметуваат со мене, индиректно се пресметуваат на ваков начин брутален, со луѓето кои што соработуваат со мене и со луѓето кои што се дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е нешто ново, бидејќи сите знаете дека станува збор за врвен професионалец кој што 25 години работи во безбедносниот систем, извршувал врвни функции, врвни државни функции, сега е избркан од страна на овој, според некој бирократи во Брисел, проевропски режим, но, според меродавните ранг листи, хибриден режим кој што не може да се соочи со неистомисленици и посегнува вака брутално по нивното лично и човечко достоинство, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање во Гевгелија каде што присуствуваше на пуштање во употреба на спортско игралиште во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.
Мицкоски истакна дека Наќе Чулев ја има неговата целосна поддршка и дека е исклучително важна алка во партијата, кој од сега ќе биде уште по посветен во структурата на ВМРО-ДПМНЕ.