Балансерот како алатка беше донесен со цел да практично имаме правилна застапеност во рамките на институциите зборувам на немнозинските етнички заедници и практично тој својата цел ја исполни. Денеска ако ги видите процентите ќе дојдете до овој заклучок дека имаме правилна односно правична застапеност во рамките на институциите од страна на немнозинските заедници, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Дневникот на МРТ 1.
Според него, балансерот сега претставува товар и предизвикува фрустрација.
-Сега веќе претставува товар, бидејќи предизвикува фрустрација кај луѓето кој не сакаат да бидат таму затоа што се дел од некаква етничка заедница туку затоа што сакаат да напредуваат врз основа на мерит системот и врз основа на своите квалитети, посочи Мицкоски.
Мицкоски рече дека потребно е создавање на општество во кое ќе се напредува по мерит систем и квалитетот на индивидуата.
-Ако целта е постигната, тогаш зошто да создаваме фрустрација кај граѓаните во Македонија затоа што навистина не ја гледам потребата да од тоа ние оваа алатка искористувајќи ја создаваме фрустрација кај македонските граѓани. Сега или сме искрени и сакаме да создадеме општество во кое ќе се напредува по мерит системот односно според квалитетот на индивидуата или ќе создадеме општество кое ќе се води по етнократијата, вели Мицкоски.
Мицкоски истакна дека не гледа кој би бил аргументот контра на идниот партнер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ да е против укинувањето на балансерот.
-Не гледам причина зошто и кое би бил аргументот контра на идниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со кој би настапил а да не го прифати укинувањето на алатката балансер и овозможување на граѓаните на Македонија да напредуваат по мерит системот и врз основа на квалитетите што ги поседуваат, заклучи Мицкоски.