Укинување на економските директори, замениците директори и на дел од институциите, односно кратење на јавната администрација, најавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски.
– Еве можам да ви кажам дека идната влада нема да има повеќе организациски или т.н. економски директори во здравствените установи низ Македонија, со што за стотина функционери ќе биде помала администрацијата. Исто така можам да ви кажам дека се работи и дека веднаш по формирањето на владата ќе почне да се работи на уште едно ветување коешто е заедничко со идните коалициски партнери, а тоа е еден Клинички центар, што значи дека ќе имаме уште педесетина функционери помалку.
При формирањето на управните одбори имаме согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена од таа којашто беше досега. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик (директор) и нормално уште еден чекор, а тоа е намалување на бројот на пратениците во парламентот, но за тоа е потребно отворање на Уставот, од 120 на 90, изјави Мицкоски кој вели дека кратењето ќе биде повеќе од 10 проценти како што беше најавено во програмата.
Оваа најава доаѓа откако без јавна дебата се изгласа Закон со кој се зголеми бројот на министерствата.