Реконструкција на Владата е можна само по локалните избори оваа 2025 година, но она што е сигурно дека ќе се случи следната 2026 година е промена во структурата на ВМРО-ДПМНЕ, најави премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој воедно порача дека ако ја добие довербата на партискиот Конгрес на крајот на годинава тоа ќе биде негов последен мандат како партиски лидер.
–Веќе 7 месеци се позади нас, веќе може да направиме една ретроспектива и анализа какви се почетните капацитети и перформанси на Владата. Секогаш може подобро, но ако треба да одговорам дали сум задоволен – да, задоволен сум како досега функционира Владата, имајќи во предвид што наследивме и со какви предизвици се соочивме.Се трудам и јас со својата работа да ги инспирирам колегите во Владата, зашто сепак сум прв човек таму и претседател, Ќе продолжам во таа насока.
Не очекувам дека до локалните избори би имало било какви интервенции во Владата. После локалните избори не очекува и редовниот партиски Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби, можеби би имало интервенции и освежувања во Владата на почетокот на следната 2026 година, многу импути ќе зависат за таква одлука. Тогаш многу работи ќе бидат појасни на политички план и какви се перформансите на Владата.
Но, она што е сигурно е дека од 1-ви јануари 2026 ќе има една поголема и посеопфатна структурална промена во структурата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи полека но сигурно е потребно дел од генерациите да се менуваат со нови. Дел обавуваат државни, дел општински функции.
Вклучително и мене, бидејќи доколку ја добијам поддршката на делегатите, според Статутот, после следниот Конгрес тоа ќе биде мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе од следниот Конгрес после овој што ќе се случи на крајот на годината, ВМРО ќе има нов претседател – рече Мицкоски во вчерашното интервју на МРТВ.
Инаку, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во 2020 година го измени партискиот Статут, така што го ограничи мандатот на претседателот, кој се предвидува да има мандат од 4 години, со право на реизбор уште 2 пати, со тоа што третиот пат тоа да биде одобрено од 2 третини од членовите на Конгресот. Токму на следниот Конгрес во декември годинава, Мицкоски треба да го добие третиот мандат, откако првиот го доби во Валандово во 2017, а вториот во Скопје во 2021 година.
Ако Мицкоски годинава го добие третиот и последен мандат како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тој би останал на чело на партијата до самиот крај на 2029 година. Една година претходно, односно во првата половина на 2028 година, пак, треба да се одржат следните парламентарни избори, доколку бидат во редовниот термин. Ако на тие избори победи ВМРО-ДПМНЕ, тогаш Мицкоски повторно би можел да стане премиер, но додека трае неговиот премиерски мандат практично би останал без лидерската позиција во партијата.
Сепак, зависно од развојот на настаните, можни се многу сценарија. Едно од нив би било Мицкоски да остане премиер, а партијата да добие друг лидер. Втора можна разврска би била ВМРО-ДПМНЕ да предложи друг мандатар за состав на Влада по евентуалната изборна победа, при што изборот би паднал врз фаворитот што треба да стане и следен партиски лидер година подоцна. На крајот, не треба да зачуди и поинаква интерпретација на статутарните одредби.
Колку за споредба, и други партии имаат Статут кој ги ограничува мандатите на лидерот, но кога дошло време тоа да се испочитува стапиле на дело креативни правни толкувања. Таков беше случајот со Алијанса за Албанците пред да се подели, кога Зијадин Села одлучи да остане на чело на партијата, на тој начин што неговиот прв мандат не беше сметан. Во краен случај, доколку се оцени дека треба да му се продолжи престојот на некој лидер на чело на партијата, може и да се промени Статутот.
Влатко Стојановски