Премиерот Христијан Мицкоски, неколку часа по преземањето на функцијата, денеска беше во посета на Штип каде што присуствуваше на поставување камен-темелник на новата спортска сала „Џексон”, направи увид во градењето на новиот булевар „Илинденска“, а потоа, заедно со министерот за здравство Арбен Тараври, беше во проверка на штипската болница.
Мицкоски од Штип најави дека до крајот на оваа недела ќе се одржи и првата владина седница, на која, како што рече, ќе бидат донесени неколку формални одлуки.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски најави дека веќе ќе почнат да работат на новото законско решение за линеарно зголемување на пензиите.
„Во првата година да имаме линеарно зголемување за секој еден пензионер од 5 000 денари на нивната пензија. Започнуваме со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и со министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска во текот на утрешниот или денот потоа, да имаме работен состанок. Почнуваме да го драфтираме и овој закон што набрзо ќе се најде во парламентот.
Нешто што го ветивме во кампањата, дека ќе нема дуализми, дека ќе има намалување на институциите, нема да имаме функционери коишто ќе живеат од парите на граѓаните туку едноставно ќе бидеме она што го кажавме во нашата програма и јас во моето експозе. Тоа што граѓаните го направија е доволно сега татковината да направи за нашите граѓани“, рече Мицкоски.
Во однос на тоа зошто првиот работен ден го почнува токму од Штип, Мицкоски рече дека пораката е јасна оти многу споменици и неуспешни проекти имаат наследено од, како што рече, крајно неуспешната влада на СДСМ и ДУИ и сите тие треба да се трансформираат во проекти, а еден таков според него е Клиничката болница во Штип
„Мора да имаме брз и полетен старт за да покажеме и докажеме дека се она што го зборуваме ќе биде и на дело применето. Вакви проекти треба да има секој ден и во Тетово, во Кичево и во Охрид и во Битола, и насекаде низ Македонија, затоа што само така ќе покажеме дека гласот што повеќе од 600 илјади граѓани го дадоа за коалицијата ’Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ’Вреди’ и ЗНАМ нуди надеж“, изјави Мицкоски.