Мицкоски најави иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет

by Fokus

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, соопшти утрово премиерот Христијан Мицкоски во објава на социјалните мрежи. Потенцира дека според негово длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата.

„На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот. Македонија мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое ја држи заробена и заложник и е причина за нејзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните.

Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македонија мора да победи!“, објави Мицкоски на својот официјален Фејсбук профил.

Премиерот пред почетокот на 2025 година изјави дека се размислува за неколку потези после празниците во однос на Судскиот совет.

-Размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме после празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште тие процеси траат кај одредени обвинители и судии.

Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи тогаш на новинарско прашање дали се планира разрешување на оние членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.

 

Поврзани новости