Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Берово го повтори ставот дека според него македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот.
-Јас не очекувам од надлежните да излезат и да признаат дека ги крадат граѓаните и дека се неспособни, односно дека не знаат да го управуваат електро-енерегетскиот систем. Вистината е таа дека македонските бизнисмени, според Еуростат, не според ВМРО-ДПМНЕ, во втората половина од 2021 година плаќаат и двојно повисока цена за струјата од нивните колеги на пример во Косово. Плаќаат поскапа струја од нивните колеги во Србија, во Црна Гора, во Турција и буквално секаде, односно долгата приказна накратко тие стануваат сѐ понеконкурентни и за жал голем дел од нив ќе мораат бизнисите да ги затвораат, а со тоа голем број наши сограѓани ќе останат без егзистенција за своите семејства, истакна Мицкоски на новинарско прашање за време на посетата на Берово.
Тој исто така упати и апел до надлежните да произведуваат струја која, вели, ќе завршува како помош во стопанството.
-Јас апелирам до надлежните, наместо да продолжат со својата тврдоглавост, да се зафатат со работа, да престанат да го крадат ЕЛЕМ поранешно, денешно ЕСМ, да престанат да ги крадат граѓаните и да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените. Затоа, наместо да продолжат со оние, би рекол глупави изјави кои што ги даваат надлежните, да се зафатат за работа, да престанат да крадат, да произведуваат струја и таа струја да завршува како помош во стопанството и на тој начин да го направат македонското стопанство конкурентно, вели Мицкоски.
Мицкоски вели дека е шокиран од најавата на надлежните дека од 1 јануари дополнително тие сметки ќе биде зголемени и ги повика да произведуваат струја која ќе биде конкурентна за стопанството, а евтина за граѓаните, бидејќи, како што посочува, државава е најсиромашната на Балканот и во Европа.