На прагот сме на голема победа. И таа победа зависи од секој еден човек на Македонија. И таа победа нема да биде само наша, туку ќе биде на сите пристојни луѓе кои овој пат ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука не за нас, туку пред се за себе, за своите семејства, за својата иднина. Работите никогаш не биле потешки, но и никогаш не биле појасни. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата сила за промени кои Македонија мора да ја врати на народот. Македонија мора да остане таму каде припаѓа и државата да почне да функционира, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната промоција на кандидатите за пратеници.
– Победа која ќе испрати порака дека 2 милиони народ се посилни од стотина елитисти кои со години ја упропастуваат државата. Победа за крај на обезличувањата, победа за крај на криминалот и корупцијата која го јаде секое здраво ткиво. Ваша одлука, но наша заедничка победа за нова енергија на луѓе кои безусловно ја сакаат Македонија. Заедно, со огромната сила на народот од денес го почнуваме последниот и финален чин на тоа да си ја вратиме Македонија и Македонија да биде повторно ваша, наша, твоја. На секој еден пристоен човек кој знам дека ќе реши да се бори за својата иднина. Победуваме со силата на многумина кои мора да излезат на гласање ако сакаат промени. За Македонија повторно твоја, за промени кои се во твоите раце – рече Мицкоски.
Тој порача дека овие избори ќе бидат историски важни и клучни не само да се поправат работи и Македонија да се спаси од погрешниот пат и бездна кон која е тргната, туку и се и шанса за да се испрати порака на оние кои со децении ја разграбуваат Македонија.
– ДУИ се политичкиот фактор кој освен тоа што СДСМ го потчини и од таа некогаш голема партија направи ситна играчка во своите раце, туку својот кримнал го вгради во секоја една институција и направи Дуизација поточно криминализација на државата. Тие дваесет години се провлекуваат при промена на секоја власт, и иако се учесник во секоја една афера и криминален случај, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот. И секогаш кога ќе ги кажете работите какви што се, тие ќе започнат да зборуваат за етнички теми и да обвинуваат дека некој нешто има против Албанците ако ги нападне криминалците од ДУИ. Јас како човек немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа да се краде Македонија и упропастува бездушно – истакна Мицкоски.