Станува збор за грозоморен и монструозен скандал кој еволуира во моментот кога КАТО системот не е ставен во функција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Гевгелија.
„Постојат основани сомневања што во суштина се случувало. Кога пациентите на Клиниката за онкологија влегуваат во онаа терминална фаза, а тоа е фаза кога губат на телесната тежина тогаш дозите кои се аплицираат пропорционално се намалуваат, односно количината која се аплицира постепено се намалува. И наместо тоа да го прават дел од луѓето кои се дел од скандалот, а се таму вработени фиктивно ги зголемуваат тие дози и дел од тие дози завршуваат во нивните џебови и потоа се препродаваат“, кажа Мицкоски.
Тој додаде дека една таква ампула чини помеѓу три и три и половина илјади евра. Според Мицкоски тоа е суштината на наједноставен начин прикажана, траорна, но јавноста заслужува да знае.
„Зошто тоа се правело, затоа што на тој начин се трошеле повеќе ампули, поголеми средства се одлевале, снабдувачот, веледрогеријата била задоволна бидејќи таа продавала по повисоки цени, а од друга страна на едно примитивно криминално мафијашко ниво било печалено на смртта на наште сограѓани и она што заслужува внимание и она што треба да привлече внимание е тоа, зошто директно, централизирано Министерството за здравство во одреден момент ја објавува набавката без притоа да добие позитивно мислење од Фондот за здравство“, рече Мицкоски.
Тој ја охрабри Анкетната комисија во нејзината работа и нагласи дека мора да има виновник.