Мицкоски на безбедносната конференција во Минхен

by Fokus

Претседателот на Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски, заедно со делегација од неколку министри, учествува на 61. безбедносна конференција во Минхен, која ќе се одржи од денеска до 16 февруари.

Минхенската безбедносна конференција е еден од најзначајните глобални настани за надворешна политика и безбедност. Оваа година, фокусот е ставен на актуелните геополитички предизвици, енергетската сигурност и иднината на Европа.

Во состав на македонската владина делегација се министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

За време на конференцијата, Мицкоски ќе оствари средби со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Кристоф Хојгенс, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и со други високи претставници од европската и светската политика.

Мицкоски ќе биде говорник на финалниот панел од конференцијата, посветен на ЕУ пристапните преговори на Западен Балкан. Исто така, ќе учествува на панел-дискусијата организирана од Форин Полиси, каде ќе говори за геополитичките промени, енергетската сигурност и економскиот развој.

Во рамки на посетата, Мицкоски ќе ја искористи шансата за лобирање во процесот на пристапни преговори на Македонија со ЕУ, прикажувајќи ја реалната состојба во земјата и плановите за економски развој.

По завршувањето на конференцијата, Мицкоски ќе отпатува за Вашнингтон каде втор пат за кус период ќе учествува на настан на Американската конзервативна партија, поточно ЦПАЦ, што е најголем собир на конзервативците, додаваат од Владата.

Поврзани новости