Лидерска средба ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби. Во меѓувреме, додека се утврди термин кој одговара за сите, лидерот на опозицијата може да побара средба со премиерот, велат за МИА од Владата во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за итна лидерска средба за преговорите за името.
Владата е децидна дека секогаш навреме информира кога има значаен развој во текот на преговорите.
– Владата на Република Македонија како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот кој го има Република Грција со нашето уставно име, навремено и целосно ги информира сите засегнати политички субјекти. Истовремено, транспарентно и одговорно ја информира и јавноста, односно граѓаните на РМ, наведуваат од Владата на РМ.