Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта во рамки на унгарско-македонскиот владин самит оствари средба со неговиот домаќин, унгарскиот премиер Виктор Орбан.
По средбата, двајцата премиери одржаа прес-конференција на која Мицкоски посочи дека е потврдено високото ниво на односите кои што постојат помеѓу двете држави.
– Нашата стратешка цел како држава е да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна. Но исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата во која беше пред 20 години, е бесценето – односно, цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи зборуваме за билатеризација на процесот на преговори, а не на европеизација. Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен со голема поддршка од наша пријателска Унгарија и дека и ние како држава ќе почнеме да преговараме. Јас сум убеден дека многу скоро, доколку имаме можност да ги отпочнеме тие преговори на основа на вистински копенгахшки критериуми, да ги завршиме успешно и да бидеме дел од ЕУ, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека со Орбан разговарале и за целокупната поддршка која што Македонија ја добива од унгарската влада, вклучувајќи ја и финансиската помош.
– Средства кои што се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки. Практично, со тие средства ја модернизираме државата. Она што исто така е многу важно е дека на денешната владина седница стана збор за идна уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но исто така министрите меѓу себе, посебно министрите за внатрешни работи и за одбрана разговараа за идна можна воена соработка односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, а зошто да не вмрежување и настап на трети пазари – рече Мицкоски.