Мицкоски: Македонскиот извоз расте, повеќе пари за граѓаните

by Fokus

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека зголемувањето на извозот во мај годинава претставува извонредна вест за македонската економија и ќе резултира со повеќе финансиски средства за граѓаните на Македонија.

“Расте македонскиот извоз! Одлична вест за македонската економија”, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Во текот на мај, македонскиот извоз забележа значителен пораст од 23,44 проценти во евра, во време кога европскиот пазар стагнира, а автомобилската индустрија се соочува со различни предизвици.

Мицкоски во својата објава на Фејсбук, исто така, посочи дека се забележува пораст на македонскиот извоз и во првите пет месеци од 2025 година. Во периодот од јануари до мај, извозот порасна за 3,15 проценти во евра, споредено со увозот за истиот период кој порасна за 1 процент. Тој нагласи дека поголемиот извоз значи повеќе средства за македонските граѓани и дека, по долги месеци и години на пад, конечно има раст за македонската економија.

“Расте туризмот, расте БДП, расте индустриското производство, растат инвестициите, расте извозот…, богата Македонија е силна Македонија! Оваа година ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија!”, заклучи Мицкоски.

Според податоците објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС), вкупната вредност на извозот на стоки од земјава во периодот јануари – мај 2025 година изнесува 3 347,7 милиони евра и бележи раст од 3,2 проценти во однос на истиот период лани. Вредноста на увезената стока, од друга страна, е 4 693,5 милиони евра, што е за 1,0 проценти повеќе во споредба со претходната година.

Поврзани новости