„Доколку ги следите неговите ставови поврзани со одредени теми и доколку се вратите наназад во неговото минато како претседател на градската организација на СДСМ, јас пак можам да дојдам до поинаков заклучок, дека тој претставува партиско полициска инсталација. Не верува во тоа што го кажува и ги злоупотребува темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ.
Мицкоски додаде дека Палевски е партиско полициска инсталација која нанесува само штета на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи одредени теми.
„Насилство не е прифатливо за мене и јас секогаш сум кажувал дека насилството не е алатка во политиката која што треба да ја користиме“, појасни Мицкоски.
„На таа средба и на средби со многу други личности кои што испраќале политички пораки, моето прашање било зошто и кои се аргументите да ги слушнам. Не сум слушнал аргументи, туку напротив стигна барање ВМРО-ДПМНЕ да помогне во собирање на граѓански потписи за да регистрира лицето политичка партија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не му помогна во собирање на граѓански потписи за да регистрира политичка партија.
„Нормално дека не. Но три – четири години потоа сведоци сме сите дека тој успеа да регистрира политичка партија под името „Десна“. И сега прашањето е кој му помогна“, праша Мицкоски.
Мицкоски додаде дека јавноста и луѓето кои што се во политиката точно знаат кој му помогна на Љупчо Палевски во собирање на потписи за регистрирање на партија.
„Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот“, укажа Мицкоски.