Кратењето на платите треба да започне од министрите и функционерите, смета првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Заев со овој план се обидува неспособноста на владата да ја плати со трудот на работниците на кои ќе им крати драстично плата. Одеднаш недостижните 500 евра просек плата се сведоа на 230 евра. И кога би било во други околности ова сигурно би се нарекло грабеж.
Мерката за драстично кратење на платите преставува сериозен, удар за стандардот на вработените. И ова кратење требаше првенствено да започне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери, а не во ист кош да се ставаат кога треба да има кратење на платите функционерите и работниците.
Вработените во администрацијата ги немаат привилегиите на функционерите на власта, ама сега со предлогот на Заев ќе ја имаат истата плата од 14.500 денари. Голем дел од овие луѓе имаат кредити и не може да зависат од милоста на банките и несериозноста на Заев. Ништо не сме постигнале ако се скратат нивните плати, а се надеваме банките да ги замрзнат ратите. Практично се руши нивниот стандард и нема да излеземе од криза ако ги казниме работниците“, вели Мицкоски.