Мицкоски: Ковачевски нека одреди ден кога да се сретнат работните групи, ние сме подготвени!

by Fokus

„Димитар Ковачевски води некоја чудна мачо игра која не ја разбирам навистина. Не знам кој е тој кој што го советува дека сега е моментот да биде мачо и да каже нема предвремени избори, јас кажувам дата. Во ред еве сѐ нека каже тој. Не сакаше лидерска средба, добро, сакаше работни групи, во ред еве прифаќаме работни групи. Сега ја одолговлекува целата оваа ситуација не знам од кои причини. Првиот момент кога од другата страна ќе добиеме сигнал или од Талат Џафери ќе добиеме сигнал ние сме подготвени да номинираме претставници коишто ќе бидат дел од овој процес“.

Ова денеска од Гази Баба го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање околу работните групи кои требаше да се формираат за да се дефинираат процесите околу одржувањето на изборите.

Тој додаде дека повеќе нема да коментира во оваа насока и од другата страна нека предложат датум кога да се сретнат овие работни групи, се со цел да се сретнат и да ги дефинираат процесите кои се многу важни за иднината на Македонија.

„Еве нема предвремени избори Мај месец, 8-ми мај не се предвремени, редовни избори се. Да, му признавам, секоја чест, како тој што кажа така излезе. Еве како тој што ќе каже и дата и ден кој што ќе каже ќе се сретнат тие работни групи. Само нека се сретнат и нека разговараат. Тоа што тие ќе го предложат, тоа ќе го разговараме. Еве ние ништо веќе не коментираме затоа што се плашам дека што и да кажам, неговите советници ќе му кажат е сега Христијан ќе каже, има ти да кажеш. Ти треба да бидеш тој кој што е мачо политичар. Еве тој нека биде. Еве ние ќе слушаме и како тој ќе каже, така нека биде“, рече Мицкоски.

„Тој нека одреди датуми, нека одреди ден кога тие работни групи ќе се сретнат и нека ги дефинираат процесите бидејќи се исклучително важни тие процеси за иднината на Македонија, а месеци не делат. Ќе ве потсетам ние имаме во моментов проблем, бидејќи имаме Државна изборна комисија која што не работи согласно законот. Зошто не работи? Затоа што не се 7 членови, туку 6. Имаме по закон јасно дефинирана структура на Државната изборна комисија, 4 члена на власт, а 3 члена на опозицијата. Ние имаме 2 члена на опозиција и власта опструира номинирање на член од опозицијата“ вели тој.

Поврзани новости