Националното единство е нужност затоа што информациите со кои што располагам укажуваат на тоа дека во игра е многу повеќе од само промена на македонскиот Устав, а со цел вклучување на бугарското малцинство во Македонија во тој Устав. И во таква една ситуација сметам дека е политички зрело и државнички кога веќе на тоа не се осудува првиот човек на владата, јас да сум тој кој што ќе повика на национално единство, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Ковачевски со тоа што одбива можност за национално единство за прашањето со Бугарија, практично пропушта можност едногласно да ги зациментираме позициите за заштита на националните, државни идентитетски линии.
Ваквиот договор за национално единство околу ова прашање не значи дека и утре, и деновите потоа нема да критикуваме за погрешните политики на оваа Влада, но тоа значи дека и македонската опозиција, и пред се ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија заедно со македонската влада ќе штитат идентитет, историја и јазик.
Ваквото одбивање на подадената рака за национално единство значи само едно, дека Ковачевски наместо во коалиција со народот и на страна на државните и национални интереси, е во коалиција со Бугарија и продолжува да биде слеп послушник и застапник на политиките на заевизмот, изјави Мицкоски.