Мицкоски: Ковачевски и Пендаровски да не опструираат преку Џафери, референдум мора да има

by Fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ги повика премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да го поддржат процесот на организирање на референдумот инициран од оваа партија и да не го опструираат во Парламентот преку спикерот Талат Џафери, туку да дозволат најпрвин да се соберат 150.000 потписи, а потоа и да се оди на Референдум на кој граѓаните ќе можат да ја кажат својата волја.

Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Сопиште, посочи дека реалноста која што ќе ја изберат граѓаните ќе треба да се прифати, затоа е потребно да се има референдум и избори.

-Затоа еве ги повикувам да се охрабрат и да излезат и да поддржат едно вакво референдумско изјаснување, рече Мицкоски.

Според него, добрососедските односи се прв приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и на земјава, но, во самиот Договор за добрососедство и пријателство немало ништо добрососедски, ниту пријателски односи во изминатите две ипол – три години од страна на источниот сосед.

-И затоа да бидеме на сигурната страна, да бидеме овој пат самите тие кои што ќе одлучуваме, а не да веруваме на зборови, самите тие кои што ќе одлучуваат за својата иднина, повикувам на референдум, појасни Мицкоски.

Поврзани новости