Оваа влада предводена од Зоран Заев и СДСМ е влада која сериозно го загрози евроинтегративниот процес на Македонија со авантуристичката политика која ја води во дипломатијата и за жал се наоѓаме сега во оваа ситуација. Народот ова не го заслужува, туку заслужи да се отпочнат преговори со ЕУ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за новата блокада на Бугарија.
– Сега има нови предлози за преговори од 6 месеци, нови разговори на ниво на комисии, но никој не ја кажува вистината, а вистината откако поинаку беше протолкувано на новиот бугарски премиер ја кажаа неколку бугарски политичари меѓу кои Џамбаски кој е најголем македономразац на Балканот и тие кажаа што лежи позади блокадата. Тоа е дека ја сметаат Македонија за втора бугарска земја и дека се додека не биде делумно или целосно усвоена бугарската резолуција ние нема да добиеме можност да почнеме преговори со ЕУ, рече Мицкоски.
Тој додаде дека се останато е авантуризам и нарушување на преговарачките позиции и порачува дека колку повеќе коленичат Заев и Османи толку поголеми ќе бидат барањата на нашиот источен сосед.
– Не е европска вредност и дипломатија ако коленичите, туку треба да покажете став и да се држите до црвените линии. Треба да работите и дома да има ниско ниво на криминал, рече Мицкоски.