На две места каде што бев, и во Вашингтон и во Лондон, каде што имав можност со мои колеги од соседството да разговарам и едните, и другите, и третите ми кажаа дека кај нас за еден ден се добиваат дипломи. Тоа им прави проблем во нивните држави. Се срамам. Тоа повеќе не може да се случува, особено што доаѓам од високото образование.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање до каде се најавените реформи во високото образование, на што тој рече дека ќе се затвораат сите факултети и универзитети што не ги исполнуваат условите за работа, односно оние што нема да ги отстранат недостатоците во функционирањето.
„Во текот на вчерашниот ден на владина седница формиравме тело што треба да воспостави ред во високото образование во земјава. Ја задолживме министерката за образование и наука заедно со ова тело да излезе на терен и да направи анализа на сите универзитети и факултети, и државни и приватни. Онаму каде што ќе констатираат недостатоци, да им се даде разумен рок тие недостатоци да бидат отстранети. Доколку тоа не го направат, ќе бидат затворени“, вели тој.
Според него, сите високообразовни институции што нема да ги отстранат недостатоците ќе останат без акредитација, односно ќе ја загубат лиценцата или дозволата за работа.