Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одржа денеска прес конференција пред Собранието каде ги изложи партиските ставови во врска со уставните измени и порача дека ќе го искористи своето демократско право да протестира пред Собранието за тоа што се случува во Собранието. Тој рече дека отпорот е единственото кое што преостанува и ги замоли граѓаните да не подлегнуваат на провокации.
-„Кацарска судството“ и „русковска обвинителството“ се механизми на власта за пресметка и уценување. На референдумот Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот, тоа го прави на криминален начин преку користење на судството и обвинителството, преку механизми за уцена на пратеници да гласаат. Името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени преку уцени и закани. Кај дел од пратениците гласањето е по уцена, а не убедување и волја. Сите тука, медиумите и јавноста, добро знаат за задкулисните игри, уцени и закани кои се одвиваа јавно – порача Мицкоски.
Тој рече дека негова татковина останува Република Македонија, кој и да е исходот од собраниската расправа. Според Мицкоски со уставните измени се нанесува тешка неправда и голема штета.
-Отпорот е она што ни преостанува. Имам да им порачам на граѓаните, јас како еден од вас ќе го користам демократското право мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за она што се случува денес и ќе се случува следните денови, тоа ни преостанува. Ве молам од дно на душа да не подлегнувате на провокации и измислени конструкции од полициски структури. Да ни се придружите и да останеме достоинствени, честити иако државата е окупирана од нечестита власт – рече тој.
Мицкоски ја заврши прес конференцијата недозволувајќи им на новинарите да постават прашања. Тој рече ндека наскоро ќе има брифинг-дружење каде ќе одговори на нивните прашања.