Мицкоски: Ќе предложам активна блокада на Собранието

by Fokus

Суштината е како да излеземе од сегашната состојба и да ни биде на сите подобро и ценам дека како политичари треба да се фокусираме на тоа, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Затоа, посочи, не разбирам што се смени во овие 100 дена откако прво премиерот Димитар Ковачевски се фалеше дека закажал некаква средба со мене, а сега бега од неа заради моето барање за лидерска средба и за одредување датум за предвремени парламентарни избори.

– Владата не е решението за оваа национална катастрофа, таа е проблемот. Очекував барем малку да има одговорност во СДСМ и во услови на криза како политичари да генерираме единство. Ние утре ќе имаме седница на Извршен комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание. Тоа ќе биде активна блокада на се, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.

Нагласи дека ќе и предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се останато да биде блокирано во Собранието преку филибастеринг односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.

-Најсреќни би биле инсталациите на СДСМ и Спасовски кои провоцираат дебата дека сите се исти да го напуштиме Парламентот и да го блокираме. Тогаш би поминало буквално се и никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија, а дефинитивно не е во ред ниту на полето на економијата, ниту во здравството, нити во образованието, посочи Мицкоски.

 

Поврзани новости