Македонија функционира со една мала група која што се граѓани од прв ред и сите остани кои што сме граѓани од втор ред. Овие пак од ДУИ ме обвинуваат често пати на оние митинзи дека јас сум бил анти Албанец, дека сум бил ксенофоб и тогаш им го поставувам прашањето од кога важи правилото дека криминалот има етничка припадност, праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Чашка.
-Од кога важи правилото дека ако ДУИ бидат нападнати затоа што прават криминал и го ограбуваат народот во Македонија, ги ограбуваат граѓаните, тогаш тој криминал има етничка припадност, запраша Мицкоски.
Според него, криминалецот нема етничка припадност или си криминалец, или не си.
-Јас колку што знам или си криминалец, или не си криминалец, тука не може да крадеме сега малку од Македонците, па сега малку од Албанците, па ајде сега ќе крадеме од Турците, од Ромите, Србите, Бошњаците, Власите итн. Не, тие крадат преку наместени и фингирани тендери од Буџетот кој што го полните сите вие, рече тој.
Мицкоски укажа дека тие од раководството на ДУИ се навикнати да функционираат по принципот како до сега повеќе од 20 години.
-Се сеќавате кога Димитар Ковачевски на една прес конференција го прашаа новинарите добро како ќе продолжите да функционирате од сега понатаму, до него беше главниот стопан на Македонија Али Ахмети кој што му сугерираше и му рече како до сега. Е од прилика така функционира Македонија во овој момент, по принципот како до сега, додаде тој.
-Ние сме опозиција и на овие избори го бараме вашиот глас, и ние не можеме да ветиме ништо повеќе од она што сме подготвени да реализираме. Ние не можеме да ветиме чуда бидејќи чудата се невозможни. А, ние не сме чудотворци. И секој оној кој што ветува чуда, не ја говори вистината, ве лаже. Но, она што можеме да ветиме е нашиот збор, дека нема да биде како до сега и сите оние криминалци во политиката кои што ја ограбија Македонија, кои што ја понижија Македонија, кои што го уништија практично човекот во граѓаните на Македонија ќе одговараат. И таа неправда ќе биде исправена, порача Мицкоски.