Премиерот Христијан Мицкоски во лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов гледа подобар соговорник во споредба со останатите бугарски лидери за надминување на несогласувањата на релација Скопје-Софија.
Во пресрет на изборите во Бугарија, Мицкоски посакува Борисов да биде идниот мандатар за состав на Влада со оглед на тоа што партиите кои и двајцата ги водат се сестрински партии и дел од семејството на ЕПП.
-Со партијата ГЕРБ која ја води Бојко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам уште една политичка партија којашто доаѓа од нашето семејство да победи на изборите.
Би било нелогично ако се однесувам како некои од лидерите коишто се дел од нашето семејство во Европската народна партија се однесуваа во минатото кои помагаа и соработуваа со левичарски опции, вклучително и овде кај нас во Македонија – рече Мицкоски.
Во Бугарија утре се одржуваат седми по ред парламентарни избори во последните три години. Во услови на длабока политичка поделеност, партиите ќе се обидат да формираат стабилна коалиција иако анкетите покажуваат дека тоа нема да оди лесно.
ГЕРБ на Борисов има убедлива, околу 10-процентна предност, пред Продолжуваме со промените на Кирил Петков и проруската „Преродба“ на Костадин Костадинов, кои се борат за второто место.