Мицкоски: Ќе му кажам на Рикер кој игра политички игри

by fokus

Коментирајќи ја изјавата на помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, кој денеска и порача на опозицијата да престане со играње политички игри, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека на средбата подоцна со Рикер ќе му објаснел кој е тој кој игра политички игри.

-Ќе имам можност за неколку часа од сега да му кажам на господинот Рикер кој игра политички игри и детално да го образложам тоа. А господинот Рикер, како искусен дипломат, слушајќи ги двете страни се надевам ќе донесе правилна одлука – рече Мицкоски на денешната прес конференција на која објави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи свое законско решение за статусот на СЈО.

Само неколку часа претходно Рикер и порача на опозицијата да престане да го кочи процесот на изгласување на Законот за јавно обвинителство. Мицкоски на тоа рече:

-Никаде не слушнав дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи овој текст предложен од Владата. Рикер ниту во еден момент не рече дека опозицијата треба да се однесува по принципот земи или остави. Искусни дипломати не размислуваат како Заев кој сака да наметне едноумие. Не постои друга поконстуктивна улога на опозицијата од оваа што ја игра ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се отвори прашањето дали Владата е конструктивна – рече Мицкоски.

За изјавата на премиерот, Зоран Заев, кој рече дека ќе треба да се изнајдат непосакувани начини доколку Законот за СЈО не биде изгласан во Собрание, Мицкоски одговори:

-Заканите се карактерна особина на човек што не знае што прави, јас како само таков можам да го искоментирам неговиот настап. Сложен сум дека треба да се донесе секој реформски закон, но тоа треба да биде согласно законите и уставот, не да носиме закони кои ќе бидат алатка на политички елити, за амнестија на нивниот криминал – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости