Мицкоски ќе го остават сам да ја плати сметката

by Фокус

На потег сега е Мицкоски, кое чедо мајка да прежали. Дали да прежали дел од неговите пратеници што нотарски му се заколнаа на верност, дури и на спремност доколку тој им намигне да гласаат за уставните измени, или да чека уште цела година до редовните избори и да ја врти онаа здодевна расипана плоча: „Не, под бугарски диктат“.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Доволно сум возрасна за да не се занесувам дека од Македонија може нешто да биде сѐ додека овој народ не се осмели прво втренчено да се загледа внатре во себе и сам да се преслуша дали и колку ја научил современата лекција на животот (историската лекција си ја знае напамет).

Потоа да ја крене главата, да се разврти на сите страни и да види дека подалеку од неговиот мрсулав нос постои еден реален свет на возрасни, кој се обидува да му пријде и да му го избрише носот. Ама не!

Тој инаетливо ја врти главата, цимоли како секое разгалено, побеснето дете, кое се сили дека нема што тука некој да му кажува како се брише нос.

Тоа си знае уште од дедо-прадедо дека мрсулавиот нос најлесно се брише со ракавот од облеката, де со едниот, де со другиот. Е, сега, тоа што малку ќе си го измачкаш лицето и ќе си ја извалкаш кошулата, ти е гајле.

Овде, бе, живеат мажишта, а не некои белосветски, фенирани типчиња, со измазнети фаци и миризливи марамчиња за бришење нос или пот. Како потреба за нас може да послужи само за бришење нос.

За пот баш и не ни треба, зашто како народ никогаш и не сме запнале толку за да се препотиме од многу работа, па да ни треба марамче за бришење пот. Но, мислам дека такво марамче наскоро ќе му треба на ВМРО-ДПМНЕ, не од работа, се разбира, туку од прикриен зорт.

Колку и да се прават „кул“ на сите овие убедувања од страна на високите претставници од европските земји и од Америка за уставните промени, набргу ќе го видиме слевањето на потта по нивните чела и образи. Премногу се затрчаа.

Му раскажуваат на странскиот фактор приказни, дури и го подучуваат како попрецизно да го разберат криминалниот и коруптивниот карактер на оваа власт и нејзиното безочно грабање, дрпање од народот за себе лично. А овие ги гледаат бледо.

НА ПОТЕГ Е МИЦКОСКИ

ОК! Не мачете се. Бандите на Њујорк одамна лично сме ги поминале и сега снимаме филмови за тоа. Добро ја познаваме таа материја и знаеме која банда сте вие, која банда се тие и кои се шетачите од една банда во друга. Затоа не шетајте нѐ по скелиња зашто овде сме дојдени за друга работа. Но, најпрво да ви го избришеме носот!“

Опа! Тонч! Овие не паѓаат на нашето цимолење и немаат ни трошка сочувство за нашата „народна“ национална мака. Башка, се прават на три и пол и не реагираат, на пример, на чудните измени на Кривичниот законик, кои дури ни министерот за правда не ги потпишува, барем засега.

А јавноста врие. Граѓаните се огорчени што преку ноќ се создаде законска можност постојните криминалци од политиката да излезат порано од затворите, огорчена е што се создаде можност и на оние што со години цупкаат по судовите за злоупотреба на функциите судски да им застарат делата.

И, се разбира, се нервираат што се создаде можност и за сегашниве функционери за евентуалниот криминал, што во „најава“ им го припишува опозицијата, за секој случај да си се обезбедат поспокојно да си го поминат времето од цела една година до редовните избори.

Ама и околу итните измени на Кривичниот законик како дебело да биле вмешани уставните измени и лутите противници.

Власта повикува: „Да ги изгласаме уставните измени во парламентот и веднаш одиме на избори“. На потег сега е Мицкоски, кое чедо мајка да прежали.

Дали да прежали дел од неговите пратеници што нотарски му се заколнаа на верност, дури и на спремност доколку тој им намигне да гласаат за уставните измени, или да чека уште цела година до редовните избори и да ја врти онаа здодевна расипана плоча: „Не, под бугарски диктат“.

Е, ако пропаднат преговорите со ЕУ, тоа се знае дека ќе се случи поради перчењето и инаетот на Мицкоски. Но, тоа не е сѐ!

МАРАМЧЕ ЗА МЕНТАЛНА ХИГИЕНА

Тоа ќе се случи и поради „мудрувањето“ на некои квазиавторитети од МАНУ, па поради високопарното празно филозофирање на дел од универзитетската фела, па поради опнатата ароганција на вечните олигарси, во истиот кош се спикани и бившите миленичиња на „комуњарите“, кои никако да се помират дека веќе не се фактор на политичката сцена.

Сѐ на сѐ, „одбрано друштво“, кое седи и се гости на трпезата на ВМРО-ДПМНЕ, но друштво кое откако ќе се накрка, ќе си се разотиде по дома и ќе го остави Мицкоски да плати.

Кога ќе ја види цената, ќе му се заврти во главата. Па, кога ќе види дека околу него нема никого да му позајми пари за да ја плати сметката, ќе сфати точно што значи изолирана држава.

Тоа нѐ чека ако ја изгубиме наклонетоста на Европејците и на Американците. Нѐ трпат додека нѐ трпат.

Колку и да се тромави, бавни и неефикасни во поглед на нивното убедување да го почнеме патувањето низ европските шуми и долини без да ѝ поставуваме услови и да ја подучуваме Европа како да си ја превоспита нивната членка Бугарија, ако не се прибереме час поскоро, во еден момент така ќе нѐ ничкосаат, ќе нѐ баталат и мирно ќе нѐ препуштат да се изедеме сами меѓу себе.

Можеби ќе ни го остават она нивно марамче за да одгатнеме за што точно се однесува, додека по неколку години не откриеме дека не било ни за нос, ни за пот, туку за менталната хигиена на нацијата.

Поврзани новости