Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба со претседателот на австрискиот парламент Волфганг Соботка на новинарско прашање за напредокот во судството нотиран во ЕУ извештајот рече дека не може да седи мирен и да рече дека тоа е така, па каков сака нека е извештајот.
-Јас пред сѐ сум универзитетски професор и педагог, и кога како човек го слушам она „трас трас“ се договорив, или овој знае, тој знае или пак она рекетирање кое што е поврзано со една веќе поранешна телевизија, верувајте ми дека не можам да седам мирен и да речам дека тоа е така, па каков сака нека е извештај. Тоа се вредности кои што јас не можам да ги поддржам и тоа е конечна и лична моја одлука како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да се спротивставам на таквите лажни вести. Не можам да кажам дека е реформирано судството кога видовме како тоа се реформирало по методот „трас трас“. Така не се реформира судство, не се реформира судство со 74 пратеника, па потоа се поништува и се носи со 80 пратеници. Тоа е лош пример за моите и за вашите деца. Тоа е лош пример за генерациите кои што доаѓаат затоа ни се празни државата. Тоа не можам да го поддржам и никогаш нема да го поддржам, изјави Мицкоски.