Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната трибина „Македонскиот јазик е бисерен ѓердан“ порача дека јазикот на еден народ не е само средство за комуникација, тоа е врзивното ткиво кое ги поврзува поединците и ги прави целина, посебна по нешто во светот.
-Кога говориме за македонскиот јазик и за неговото значење не може а да не си споменеме за Блаже Конески и неговата дефиниција за јазикот. „Јазикот е нашата единствена, целосна татковина“, ќе рече Конески и ќе даде совршена дефиниција за значењето на еден јазик и на еден народ. Затоа што јазикот е чуварот не само на идентитетот на еден човек, тој е чуварот на неговиот фолклор, традиција, култура, чуварот на преданијата. Впрочем нашиот македонски јазик е наш мајчин јазик затоа што ни го предавале нашите мајки, а тие од нивните мајки и така натаму до предци кои можеби сме ги заборавиле, но нивниот збор сме го запомниле.
Македонскиот јазик е стар исто колку што постојат Македонци на овие простори во Македонија. Тој говор, македонскиот јазик, таа нишка постоела, суштествува и ќе опстане само благодарејќи на Македонецот кој го говорел, говори и ќе го говори.
Македонскиот јазик ако сакате е врзивното ткиво и на сите оние кои живеат во Македонија, а кои не се Македонци по род, бидејќи со македонскиот јазик најдобро може да се кажат маката, да ја споделат радоста со својот сосед, рече Мицкоски.