Разочараноста е огромна, тенденцијата е да има промени, да дојдат политичари кои нудат надеж, политичари кои што знаат како да се справат со предизвиците, јас сум убеден во една огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ, па и не би ме изненадило ако имаме мнозинство во Парламентот, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со раководството на СОНК.
Тој истакна дека очекува сериозна поддршката од граѓаните за коалицијата „За обнова за Македонија“ и тоа како што рече, се чувствува секојдневно на средните со граѓаните.
– Цениме дека како победничка опција по овие избори ќе имаме голема комоција во делот на преговори и разговори со потенцијалните коалициони партнери водени единствено од клучниот столб во нашата програма, а тоа е како да навистина имаме правна функционална држава, а потоа сето останато кое што денеска е реалност во Македонија. Тоа е справување со Ковид пандемијата, справување со предизвиците во образованието, здравствената криза, економската криза. Сега сме пред есента кога ако потрае оваа ситуација со пандемијата како што трае ќе дојде на ред и сезонскиот грип. Така што сериозна и алармантна ќе биде ситуацијата, а никој тоа не го споменува, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека развиените европски земји веќе почнуваат да зборуваат за масовен скрининг, масовно вакцинирање од сезонскиот грип.
– Така што замислете што ќе се случи со нашите здравствени капацитети ако наеднаш дојдат пациенти со сезонски грип, луѓе кои што се инфицирани од Ковид-19. Навистина ќе настане една тешка траорна ситуација. За жал кај нас воопшто никој не разговара за тоа. За среќа после 15 јули победува обновата и има јасен план како и со едното и со другото да се справи, оцени тој.
Мицкоски рече дека со претставниците на СОНК разговарале за нивните политики кои што идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги имплементира и практикува.
– Дел од нивните забелешки уште во изработката на програмата се опфатени во самата содржина на програмата за дел се разбира од како ќе биде формирана владата ќе разговараме. Бидејќи тоа е динамичен процес, процес кој што трпи промени, сепак станува збор за четиригодишен период, станува збор за многу предизвици што ќе се испречат на тој пат. Ценам дека можеме навистина да ги ослободиме синдикалните организации од политичките стеги и притисоци, да ги оставиме да функционираат и да се борат за правата на работниците. Да се ослободиме од стегите на политичарите за да може да бидеме по би рекол рационални и покреативни во носењето на одлуките, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека образованието треба да биде врвен приоритет за сите.
– Цениме дека учениците и студентите треба да добијат квалитетно образование без разлика на ова што би рекле нова нормалност или како што е денеска ситуацијата ненормалност предизвикана поради калкулантските политики на нашиот политички противник, раководството на СДСМ и Зоран Заев. Цениме дека имаме начин како да се справиме со тоа и како да отпочне годината, но сепак тоа ќе зависи од другите работи практично како ќе се справиме со Ковид пандемијата која што кај нас има продолжен ефект и сме практично единствена држава во Европа каде што тоа се случува, истакна Мицкоски. МИА