Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел дискусија на тема „Младински политики“ на вториот ден Саем на проекти за млади „Иднина за сите во Македонија“ во организација на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна дека како професор и педагог има можност секојдневно да се среќава со млади високо образовни академски граѓани, од кои за жал, осум од 10 дипломци велат дека после завршувањето и одбраната на тезата ќе се иселат и ќе ја напуштат Македонија затоа што чувствуваат неправда од системот, немаат надеж, се чувствуваат понижени, обесправени и опљачкани.
„Јас како професор на факултет, сега зборувам како педагог, не како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, разговарам со студенти. Во минатото кога имав повеќе можности и време да работам со нив, бев често пати ментор на дипломски работи и до ден денеска сум член на комисија за дипломски, магистерски, докторски, можам да кажам дека осум од десет, дали дипломци, дали магистранти, докторанти велат дека после завршувањето на тезата ја напуштаа Македонија и се селат.
И кога ќе ги прашаш, добро, што е причината, зошто тоа го правите, ќе ви кажат дека прво чувствуваат голема неправда од системот, затоа што системот е неправеден, второ нема правда, трето нема надеж и она кое што, можеби, во последно време најмногу го слушам, а тоа е дека се чувствуваат обесправени, понижени и опљачкани“, рече Мицкоски.
Посочи дека тоа е една голема трагедија затоа што ако светот останува на младите и ако државата се испразни и нема млади, таквата држава нема иднина и таквата држава полека но сигурно се распаѓа од внатре.