Мицкоски: Излезете и гласајте, нема да има реваншизам кон недолжни граѓани

by Fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на средба со граѓани во Гевгелија изрази благодарност за поддршката во првиот круг за нивниот кандидат за градоначалник, како и за победата на советничката листа која заедно со Коалицијата Обнова за Македонија ја оствариле во Гевгелија. Воедно, ги реафирмира ставовите дека сето она за што се залагаат во кампањата и во изминатиот период ќе биде реализирано и испорачано пред гевгеличани.

-Свесни сме за притисоците, заканите, обидите за поткуп кои што помеѓу двата круга ги прави власта овде во Гевгелија, сите оние непринципиелни понуди и сето она кое што се случува овде во Гевгелија, дека се случува. Нашата порака до гевгеличани е дека сето ова може да се превенира само со масовна излезеност во вториот круг и поддршка за идниот градоначалник Андон Сарамандов. Само на тој начин можеме да застанеме на пат на овие девијантни однесувања на оваа криминална и корумпирана власт која што изминатите 52 месеци практично ја пљачка, понижува и омаловажува Македонија, македонскиот граѓанин и народот на Македонија, рече Мицкоски.

Тој посочи дека се свесни за, како што вели, непринципиелната црна кампања која што се води кон ВМРО-ДПМНЕ и кон нивниот кандидат Андон Сарамандов. Истакна дека доколку победат на овие избори нема да има некакво реваншистичко однесување кон недолжните граѓани, туку целта е, вели, спроведување на законите, чесно работење, создавање нова иднина.

-Така што, почитувани гевгеличани немојте да се грижите за вашата иднина, вашите работни места се сигурни и вие таму ќе бидете во иднина, а нашиот план е да обезбедиме дополнително работни места, и дополнително да го вратиме сјајот на Гевгелија и овој регион. Тоа е она за кое што ние се залагаме, ВМРО-ДПМНЕ сака да гради иднина, а не да се враќа назад во минатото и да брка некакви сеништа за кои што денеска зборува нашиот политички противник, власта и СДСМ, порача Мицкоски.

Поврзани новости