Мицкоски: Имаме подготвеност за уставни измени, но мора да знаеме дека тој процес ќе заврши

by Фокус

Имаме подготвеност за носење на уставните измени, но пораката е јасна, носењето на уставните измени не треба да служи само за отворање на процесот. Ние мора да знаеме дека тој процес ќе заврши и кога. Со ова, настојуваме да го осигуриме процесот од отпочнување до завршување на преговорите, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фактор“.

-На ова инсистираме, бидејќи, во случај на повторна блокада понатаму, надежта помеѓу граѓаните ќе се изгуби во голема мера и ќе биде тешко да се убедат граѓаните дека ние еден ден ќе завршиме во Европската Унија. Цврсто веруваме дека овие три фази, извршени со доследност и решителност, на крајот ќе резултираат со напредок – вели Мицкоски во интервјуто.

Тој оцени дека неодамнешните состаноци со високите меѓународни претставници ја зајакнале важноста на дијалогот, но, истакнува, дипломатијата во овој случај не е за попуштање под притисок, туку за активно ангажирање на нашите меѓународни партнери за да се осигураме дека перспективата на државата е разбрана.

-Ја истакнавме нашата подготвеност да работиме конструктивно, се додека процесот го почитува нашиот суверенитет и национален идентитет. Додека Бугарија го задржува механизмот за вето, нашите напори се фокусираат на демонстрација дека европската интеграција е стратешка неопходност за стабилноста и просперитетот на регионот. Ја користиме поддршката од сојузниците кои признаваат дека билатералните прашања не треба да ги поткопуваат пошироките цели на ЕУ, нагласува Мицкоски.

Поврзани новости