Мандатарот за состав на влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа по седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на јавноста и ги соопшти предлозите за министри во новата влада.
Тој рече дека новата влада ќе биде составена од партиите кои се дел од коалицијата Твоја Македонија, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ.
„Имаме амбициозен план за реформи и проекти чија реализација ќе почне од првиот ден. Веќе неколку работи уште непочнати што беа наша главна и основна цел и ветување во време на кампањата ги испорачавме но сега треба да испорачаме и проекти и решенија и да го направиме она што е најважно а тоа е да ја вратиме Македонија на народот. Ова ќе биде влада за тебе, работа за сите вас“, рече синоќа Мцкоски.
Рече дека при изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водел од принципите за чесност, посветеност и додаде дека очекува тие целосно да се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели.
„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а потоа и брзи резултати“, заклучи Мицкоски.
Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт ќе биде Александар Николоски. Прелог за министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоска. Предлог за министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде Тимчо Муцунски. Предлог министер за локална самоуправа ќе биде Златко Перински. Предлог за министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски. Предлог за министер за спорт ќе биде Борко Ристовски. Предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска. Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Цветан Трипуновски. Предлог за министер за култура и туризам ќе биде познатиот актер Зоран Љутков. Предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска.
Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени, Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.