Мицкоски: Имам информација дека викендов се распарчува Македонија во Софија

by Fokus

Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет. Да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден, да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата. Тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот. Да ни е жива и вековита нашата Македонија, е една од пораките што денеска пред Владата на антивладиниот протест организиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја упати претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски.

– До Зоран Заев и Владата, на памет да не ви паѓа да го начнете македонскиот идентитет. Ви ветувам заедно со овој народ овде тоа диво месо ќе биде хируршки прецизно отстрането, а потоа не само за криминалот и за велепредавствто ќе одговарате, јас ви ветувам кога тогаш. До македонскиот народ, до македонската нација, до Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, Египќаните, до сите сограѓани – Излезете браќа и сестри и помогнете и на Македонија, рече Мицкоски во говорот пред Владата.

Тој на протестот упати пораки и до нашиот источен сосед и до меѓународната заедница.

– Ако мислите дека измисливте, пронајдовте и поддржавте квинслинг и квинслиншка влада овде во Македонија, се лажете. Ниту тој квинслинг ниту оваа квилнслиншка влада од нашата колективна меморија, од нашите срца ќе ја избрише улогата, ликот и делото на Даме, на Гоце, на Питу, на Хаџи Арсов, Хаџи Николов, Поп Арсов, затоа што тие се бореа за нова, современа македонска држава. Оваа порака ја упатувам до политичарите кај нашиот источен сосед, рече Мицкоски повикувајќи ги при првата посета на Скопје, пред споменикот на паднатите борци од народно ослободителната борба, да, како што рече, клекнат и се извинат на македонскиот народ за тоа што му го направиле.

До меѓународната заедница, тој упати порака да му се дозволи на нашиот народ да отпочне преговори со ЕУ, а народот, како што нагласи, ќе им врати со сето срце и знаење кое го има и ќе го изоди најбрзиот пат до полноправно членство во ЕУ.

– Немојте да дозволите некои политичари од земја членка наместо политики на иднина, да шират политики од средниот век, ревизионистички политики, хегемонски политики на големи држави и нации. Ајде да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за почист воздух, да зборуваме и да му помогнеме на овој народ, да и помогнеме на Македонија еден ден да седне со вас на маса во европското семејство во обединета Европа и да зборуваме за квалитет на образование, истакна Мицкоски.

Побара оставка од премиерот Зоран Заев и нагласи дека нема да престанат со протестите.

– Да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја. Така ќе ја спасиме и нашта историја и нашето достоинство и само така ќе успееме да обезбедиме иднина. Оставката е неминовна. Сите филмови од овој човек се јасни и веќе видени, рече Мицкоски на протестот пред Владата.

Поврзани новости