Од тоа што го знам, има индиции за злоупотреби, има индиции за создавање на еден центар на моќ во обвинителството и судството кој што е партиски октроиран, преку наместени огласи, избори и слично. Такви индиции има дали ќе се потврди ќе каже МВР, рече премиерот Христијан Мицкоски, откако полицијата упадна во Академијата за судии и обвинители, по проверката на телефонот на судијата Наке Георгиев.
-Доколку се потврди, од тоа што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор кон тоа дека навистина имаме партиски октроирано и заробено и обвинителство и судство и не ме чуди што довербата е само два проценти – рече тој.
Мицкоски додаде дека сепак има многу чесни обвинители и судии.
-Но, за жал тие се во втор план, овие се во прв план малкумина и затоа состојбата е таква каква што е, односно довербата е скромни два проценти – рече тој.
Според него, во државата мора да владее правда.
-Ние ќе продолжиме и понатаму. Нема да застанеме тука како Влада. Мора граѓаните да добијат правда бидејќи тоа е она со кое што излеговме уште за време на кампањата на претседателските избори во 2019 година. Правда мора секој да добие – нагласи тој.