Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја напушти вечерашната лидерска средба на која требаше да го каже партискиот став за референдумот и „протестираше“ зошто не биле поканети сите парламентрани партии, туку оние со по најмалку двајца пратеници.
-Исто така како ВМРО-ДПМНЕ изразивме сериозен револт и негодување на девијантното однесување од страна на владините претставници, но и од парламентарното мнозинство во текот на вчерашниот ден кога на еден начин, неделовнички, на еден начин кој што досега не беше пракса во политичкиот живот во Република Македонија се утврди потребата од промена на Изборниот Законик без поддршка на најголемата опозициска партија, односно без поддршка на опозицијата, а се со цел да се намали бројот на потребни пратеници кога се усвојува составот на Државната Изборна Комисијата, од мнозинство од двотретинско 80 потребни на 61 односно на парламентарно мнозинство од вкупниот број на пратеници. Ние како ВМРО-ДПМНЕ изразивме револт поради ваквото однесување, ги кажавме причините поради кои што го напуштаме овој состанок на парламентарните политички партии кои што беа поканети. Им се извинуваме од наше име на сите оние парламентарни политички партии кои што не беа дел од овој состанок. Навистина не бевме во можност да делуваме и во нивно име протестираме, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Во продолжение тој додава дека го повикале Заев да закаже нова лидерска средба, и иако денеска протестираше зошто не биле поканети сите партиите, побара лидерската средба да биде само со четирите најголеми.
-Воедно го повикуваме Претседателот на Владата господинот Зоран Заев, а тоа го кажавме и внатре во салата, во најскоро време во текот на утрешниот ден, не подоцна од понеделник организира лидерска средба во формат кој што не би надминал бројност повеќе од четворица, како што беше праксата до сега, односно најголемата политичка партија која што ја сочинува Владата, најголемата политичка партија на Албанците во Република Македонија која што е коалиционен партнер во Владата, најголемата опозициска политичка партија, во случајов тоа е ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците во Република Македонија. Да седнеме да разговараме отворено од самиот почеток на сите оние отворени прашања кои што му претходат на формирањето на новиот состав на ДИК, па дури потоа да дискутираме за формирањето на новиот состав на ДИК, повтори Мицкоски.