Мицкоски: Илинден е најсветлиот ден во македонската историја

by Fokus

Овој ден, истакнува Мицкоски, е симболот на македонската борба за слобода и државност, ден кој врзува две епопеи и еден идеал, а тоа е идеалот за слободна и независна Македонија.

„Генерации на синови и ќерки на Македонија се бореа сонот за слобода да стане јаве. Под бајракот на слободата се обединија и во 1903 година, под истиот бајрак се обединија и во 1944, но и ќе продолжат да се обединуваат. Светлината на овој ден во македонската меморија никогаш нема да згасне, затоа што искрата која почна со Крушевската Република беше факел кој ги водеше партизаните во народноослободителната борба и пламенот кој гореше во срцата на сите Македонци и во текот на 1991-вата се до конечната независност. Но, оваа искра гори и ќе гори во секоја идна генерација на македонски родољуби, затоа што нивната света борба е вечна, да обезбедат подобра иднина за себе и за секоја идна генерација“, наведува Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека имаме историски аманет да ја градиме и чуваме нашата татковина од сите предизвици.

„Денес борбата, како никогаш досега, е жива, затоа што премрежијата и сенките од минатото се надвиснати над иднината. Идеалот за Македонија и општа сплотеност во таа борба, кој ги водел нашите предци и во најтешките и најмрачните времиња, мора да го продолжиме, за да не станеме повторно монета за поткусурување на хегемонистичките желби на Балканот. Идеалот за Македонија и борбата за подобра иднина се две работи за кои мораме паралелно да се бориме, бидејќи апатијата и сиромаштијата која сакаат да ни ја наметнат е првата стапка кон разнебитување. Овие битки мораме да ги добиеме, сплотени без разлика на нашата етничка, верска или политичка припадност. Овие битки ќе ги водиме заедно братски под бајракот на Македонија. Да е вечен Илинден. Да се вечни илинденските идеали. Да е вечна Македонија!“, вели Мицкоски во честитката.

Поврзани новости