Бугарската потпретседателка Илијана Јотова ги повика македонските колеги кога ги читаат, подобро да ги разбираат европските вредности, бидејќи Бугарите, како што рече, никогаш не биле воспитувани да ги навредуваат соседите.
-Непростлива е агресијата, не само вербалната, туку и кога насилството прикрива тврдоглава, но длабоко погрешна теза, и уште повеќе – неисполнување на веќе преземени меѓународни обврски. Сигурно ќе погодите дека се работи за една од нашите западни сосетки – Македонија, за која, за жал, последниве години наместо добрососедство – ова е парадокс, но е факт – наместо потпишан договор и негово спроведување, кое го носи гласното име ‘добрососедство’, како да одиме во обратна насока – изјави Јотова.
Коментирајќи ја изјавата на бугарската потпретседателка, премиерот Христијан Мицкоски ја посоветува Јотова истите совети да ги упати дома, со оглед дека Софија не почитува бројните пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, и не и дозволува на македонската заедница ниту да се организира во невладини здруженија.
– Јас би сакал да ја упатам госпоѓата овој совет да го даде и кон тие земји членки којшто треба конечно да ги почитуваат и којшто се спречени пред можни санкции за почитување на човековите права. Имаме 14 пресуди за македoнската заедница во Бугарија. Ги повикувам истите овие кои што нас ни даваат совети, да ги советуваат и бугарските власти, да ѝ дозволат на македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Не бараме да бидеме дел од Уставот, туку да се организираат во невладини организации – кажа Мицкоски.