Мицкоски и Николоски најавуваат модернизација на граничните премини Деве Баир и Ќафасан

by Фокус

Македонските граѓани ќе имаат модерен граничен премин којшто е дел од Коридорот 8 и тоа е една силна политичка порака затоа што изминатиов период бевме обвинувани дека Коридорот 8 не бил толку приоритетен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот со кој официјално беше означен стартот на проектот за изградба на нов современ административен објект на терминалот за стоково царинење, како и целосна реконструкција на самата управна зграда на граничниот премин Деве Баир.

-Добро е тоа што македонските граѓани коишто ќе го враќаат овој кредит од Светската банка ќе имаат модерен граничен премин, дел од Коридорот 8 и тоа е една силна политичка порака затоа што изминатиов период бевме обвинувани дека Коридорот 8 не бил толку приоритетен, друг коридор Коридорот 10 бил приоритетен. Но, со самото ова и она што ќе започне од понеделник, тоа е реконструкција на ГП Клепало покажуваме јасна определба дека секоја точка на Македонија нас ни е важна, и дека нема да оставиме ниту една точка којашто нема да биде реконструирана и реновирана – порача Мицкоски.

Тој посочи дека македонските граѓани кои што ќе ги плаќаат овие кредити коишто ги зема македонската Влада ќе добијат европски услови кога ќе ги поминуваат граничните премини и ќе нема повеќе гужва и турканици како што тоа било во минатото, како и поефикасна работа на Царинската управа.

Министерот за транспорт Александар Николоски рече дека реконструкцијата на оваа прва фаза од граничниот премин се очекува да заврши до мај 2025, а оти веќе се работи на втората фаза, на изработка на ДУП за втора фаза за граничниот премин, што, според него, ако почне да се реконструира во 2025 година, во 2026 година ќе има комплетно новореконструиран граничен премин на Деве Баир.

-До овој граничен премин веќе од Нова година ќе води еден убав експресен пат. Веќе сме во завршна фаза на изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка и исто така да најавам дека почнуваме проектирање нова траса со цел поврзување од Куманово со новиот експресн пат до Ранковце, така што од Скопје до граничниот премин да се стигнува во едно пријатно возење од час и десетина минути.

Се надевам дека и нашите соседи ќе посветуваат исто или слично внимание како што ние посветуваме на Коридор 8, тука мислам на Бугарија и Албанија како дел од Коридор 8. Можам да најавам дека деновиве започнуваме и со реконструкција и на граничниот премин Ќафасан, слични вакви активности и очекувам до мај следната година и тој да биде ставен во функцијa – изјави Николоски.

Поврзани новости