Јавната конфронтација меѓу Христијан Мицкоски и Никола Груевски извади на површина тешки обвинувања за валкани дилови и двојни игри во однос на процесот на уставни измени, меѓутоа не изостанаа ниту ниски удари меѓу некогашните блиски соработници, кои меѓусебно си упатија закани и лични навреди.
Како што е познато, Мицкоски ја почна вербалната војна со неговиот претходник Груевски, обвинувајќи го дека е во тајна комуникација со власта, со цел да обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени и да предизвика поделби во ВМРО-ДПМНЕ, а во замена да добие амнестија од кривичен прогон.
Откако вакво обвинување испорача преку влијателниот германски весник „ФАЦ“, Мицкоски во гостување на Алсат, меѓу другото, рече дека Груевски бил полн со омраза, самобендисаност и лични фрустрации, а посочи дека правел граматички и печатни грешки.
Одговарајќи на прашањето дали клучниот доказ за наводната соработка на Груевски со власта е стенограм од средба кај претседателот Стево Пендаровски, каде власта наводно барала амнестија на поранешниот премиер, за да помогне за уставни измени, Мицкоски рече:
„Има некои политичари кои секогаш се прават дека се отсутни од времето, кои се обидуваат поради голема фрустрација и самобендисаност да ги навредуваат останатите. И тоа го прават со помош на ниски страсти, на еден примитивен начин. Такви имало, има и ќе има во иднина.
Тоа што имав да кажам за оската СДСМ-ДУИ-Груевски го кажав гласно, со денови може да беседиме и да вадиме докази. Јас тој потег не го направив зашто така ми текнало, туку врз база на анализа, информации и докази што ми стигнуваат со месеци. Нема да ги коментирам сите понижувања.
Суштината е што го натерало Груевски да оди на тајни средби и што е тоа што го натерало да биде дел од оваа оска што ја предводи Али Ахмети, со структура на СДСМ. Што е тоа што го фрустрира Груевски, па да го слушаме она во оние статуси што изобилуваат со граматички и печатни грешки и со многу омраза, гнев, лична фрустрација… Нема потреба.
Затоа, мојата порака е нека е жив и здрав, здравјето е најважно, се друго ќе дојде. Втората порака е – не им правете на луѓето што не сакате вам да ви прават. Ќе дојде денот кога очи во очи ќе се гледаме и ќе зборуваме за доказите и се она што се случуваше изминативе години“.
Во рамки на оваа вербална конфронтација, ниту Груевски не остана должен. Првично, тој негираше дека има комуникација со власта, дури истакна дека не поддржува уставни измени и не контактирал ниту еден пратеник за да го убедува да ги поддржи во замена за амнестија.
Дополнително, тој го нападна неговиот наследник колку не го бивало за политика. Притоа, раскажа една случка колку на Мицкоски му паднало тешко кога му соопштил дека си дава оставка по поразот на локалните избори во 2017 година, што, според Груевски, било лицемерно и одвратно однесување.
„На тој човек не верувам дека некој поголеми добрини во животот му направил, освен родителите. Барем така ми велеше додека бев таму на неговата сегашна позиција, и кога му соопштив дека ќе давам оставка во партијата, а тој ми одглуми некакво бришење солзи, со очилата во едната рака.
Нормално е во една таква ситуација, на прикажување на таква одвратност и негативност кон мене, секој паметен политичар од другата страна да размислува да ги искористи комплексите, нечовечноста и егото на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Груевски.
Но, Груевски не застана тука. Откако прво Мицкоски во контекст на соработката на Груевски со власта спомена УСБ што го добиле Ахмети и Талат Џафери, а потоа партискиот потпретседател Александар Николоски покажа стикче, тврдејќи дека на него ги имало измените на Кривичниот законик што неодамна беа изгласани, Груевски им врати со закана.
–Јас до 19-ти септември еден збор јавно не сум кажал против ВМРО, иако со многу нивни политики не се согласувам. Но, јавно не кажувам за да не направам штета. И сега многу внимавам. Толку работи можам да му одговорам на Александар да не може да се отплетка со месеци. И на Христијан. Па, да се занимаат само со мене, да не знаат што ги снашло – рече тој на Инфомакс.
Потоа, Груевски додаде дека доколку Мицкоски и актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ решило да се занимава со него до следните избори, тогаш тој е тука. Во текот на вчерашниот ден, пак, Мицкоски одби да го коментира Груевски, истакнувајќи дека веќе кажал се што има да кажам на оваа тема.
Влатко Стојановски