Мицкоски и Апасиев си ги мерат мускулите – дали билдаат партиски рејтинзи или трасираат идна коалиција?

by fokus

Откако им се раздвоија патиштата со Јакимовски, Арсовска и Таравари, ВМРО-ДПМНЕ отвори еден привремено згаснат фронт со Левица. Иако до неодамна се чинеше дека ги закопале воените секири, односот меѓу двете опозициски партии влегува во нова ултра конфронтирачка фаза. Дали станува збор за принципиелна битка на идеолошка основа, дали се работи за природен конфликт во потрага по гласачи од ист контингент, или пак можеби тоа е изнасилена и безмалку вештачка битка со цел билдање на поддршката на двете партии, во пресрет на идна постизборна соработка?

Алијанса за Албанците е на чекор да го официјализира влезот во владата на СДСМ и извесно е дека ќе ги добие ресорите здравство и правда. Партијата на новиот лидер Арбен Таравари од опозициска ќе стане владина.

Некогашниот не толку одамнешен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, сега ќе стане коалициски партнер на СДСМ и ДУИ на централно ниво.

Откако Таравари имаше одлична соработка со ВМРО на локалните избори, па дури се смета дека и со вмровски гласови ја бетонираше победата во Гостивар, сега тој целосно ја смени плочата.

Притоа, го обвинува Христијан Мицкоски дека дозволил неговата партија да се отклони од европската приказна и да се впушти во популистичка трка со антизападната Левица за гласовите на македонските тврдокорни националисти.

Но, кога се говори за опозицискиот фронт и релациите меѓу главните актери во опозицијата, се наметнува дилемата каде во целата приказна е „метастазата“ Левица?

Иако извесно време, особено кога актуелен беше „францускиот предлог“, се чинеше дека партијата на Димитар Апасиев и ВМРО-ДПМНЕ ги закопале секирите, па дури и се интезивираше комуникацијата меѓу двете партии, сега нивниот однос влегува во поинаква фаза.

Додека власта спроведува операција на окрупнување на владејачката коалиција, со цел, како што велат од Илинденска, да ги изолираат „антиевропските ВМРО и Левица“, токму овие две партии влегоа во отворен меѓусебен судир.

Па така, ВМРО ја обвинува Левица дека е тројански коњ на власта во опозицијата. Од друга страна, Левица го обвинува ВМРО дека се колаборационисти на власта, бидејќи, нели, ги одмолчале сите предавства. Освен жестоката реторика, во игра се и тужби.

Колку овој „жесток судир“ меѓу двете опозициски партии е реален судир на две структури со различна идеолошка профилација? Или, пак, можеби се работи за пренагласен и безмалку вештачки конфликт, преку кој двете партии го билдаат партискиот рејтинг со помош на гласови од истиот десничарски базен?

Иако звучи контрадикторно: името на партија е Левица, а се бори за гласови од десницата.

За ова прашање, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека во моментов, поради уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ е позиционирана подесно одшто е нејзината партиска идеологија.

Според него, таа е во истиот политички простор со Левица и, како што вели тој, се канибализираат една со друга и Левица одзема од гласачите што традиционално инклинирале кон ВМРО-ДПМНЕ.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Поврзани новости