Економијата тоне, граѓаните осиромашуваат, БДП е околу нула, a девизните резерви опаѓаат, обвини денеска Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во текот на денешниот ден ќе остварам средба со тројцата европратеници, господата Кукан, Вајгал и Флекенштајн. На средбата ќе стане збор за актуелната политичка ситуација во државата. Но, она што е поважно за граѓаните е лошата економска состојба на секој од нив поединечно, која што е резултат на погрешните и лоши политики кои што владата предводена од СДСМ ги практикува во Република Македонија“, рече Мицкоски.
БДП, додаде тој, во првите три квартала е некаде околу 0,4 проценти под нулата, што значи дека има негативен раст, а до крајот на година би биле среќни ако завршиме со нула што претставува едно од најлошите достигнувања од осамостојувањето на Република Македонија па до денес.
„Во услови кога светската економија бележи пораст, замислете се радуваме на резултати што се движат околу нулата. Градежништвото е во опаѓање за некаде околу 11 проценти, индустриското производство се движи некаде под нулата околу 4 проценти, што значи севкупно катастрофални резултати кои што само можат да влијаат негативно во квалитетот на животот на нашите сограѓани“, рече Мицкоски.
Втор параметар, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој што сакам да го споменам се странските директни инвестиции.
„Ќе бидеме среќни ако 2017 година ја завршиме со 100 милиони евра помалку директни странски инвестиции, споредено со она што било случај на крајот од 2016 година. 100 милиони евра помалку директни странски вложувања, споредено со она што било во 2016-тата година. Третиот параметар исто така катастрофален кој што сакам да го споменам, е намалувањето на бруто државните девизни резерви. Имено, во 2017 година бруто домашните девизни резерви се намалени за цели 266 милиони евра, што е некаде отприлика околу 11 проценти помалку споредено со она што било ситуација на 31 декември во 2016 година“, рече Мицкоски.
Според него, граѓаните во Република Македонија се за 11 проценти посиромашни на 31 декември 2017 година, споредено со 31 декември 2016 година.