„Јас цело време предупредувам дека не треба да се игра на етничка и верска карта, бидејќи тоа е картата на којашто овие криминалци коишто изминатите години печалеа на грбот на народот ќе се обидат да предизвикаат нестабилност и така натаму и ова се такви изолирани инциденти коишто ќе следат. Вие ја слушнавте изјавата и на Владиката, слушнавте и ја прочитавте прес-конференцијата којшто се оградува од ваквите инциденти, жителите на село Галате коишто исто така се оградуваат од ваквите инциденти. Но, она што е интересно е што на социјалните медиуми на едно од лицата, излегоа некои слики коишто го гледаат во друштво на политички активни ликови, ако се земе предвид и политичката провениенција и поддршката на градоначалникот во општина Врапчиште, но и се уште полициската структура којашто е во ОВР Гостивар, тогаш многу лесно може да се дојде до заклучокот дека ова е дел од оној фолклор којшто се подготвува за сеење етничка, верска нетрпеливост и обид за дестабилизација“, вели премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар во однос настаните во црквата во селото Галате.
Тој додаде дека инциденти од овој тип ќе има во периодот којшто следи.
„И ваков тип на инциденти ќе има и во периодот кој што следи. Зошто? Затоа што не можеме, како Влада, имајќи ги предвид последните измени во Законот за полиција и Законот за работа на Министерството за внатрешни работи, да се случат промените во раководните структури, бидејќи тие се лимитирани на пет години искуство на висока позиција, вие знаете седум години кои беа кај нас во Влада во Македонија, така што ќе мора за следните два-три месеца да се случи измена на тој Закон за да настане измена во тие раководни структури за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата. Инаку во периодот немојте да имате дилема дека овие корумпирани политички елити од минатото, ќе се обидат преку своите центри се уште на влијание во секакви институции да создаваат етнички конфликти и тензии, но ние ја контролираме ситуацијата“, рече Мицкоски.
Додаде дека брзо се реагира и нема поддршка од страна на жителите.
„Брзо се реши и оваа ситуација, гледате, не наидува на поддршка кај населението, самите жители на село Галате, би рекол го отфрлија сето ова, самиот владика на Гостиварско-полошката епархија го отфрли сето ова, така што јас апелирам, сега во моменти кога тргна да расте индустриското производство, преработувачката индустрија, кога се намали инфлацијата, кога се прават реформи, кога се носат навистина добри мерки и странски инвестиции, конечно забележуваме раст во вториот квартал, да не дозволиме вакви корумпирани сеништа од минатото да нѐ влечат назад. Мора да одиме напред и мора да се бориме да одиме напред“, дециден е Мицкоски.