Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва прогласи победа на локалните избори и ја искористи приликата да постави основи за идна владина коалиција со Левица, Алијанса за Албанците, Алтернатива на предвремени парламентарни избори. Индиректна покана добија и ДОМ и ЛДП.
-Македонија е преважна за мали соништа. Стравот никогаш не ја гради иднината, но надежта да. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените почнуваат од вечерва. Заеднички и сложно да го оствариме сонот кој 30 години го сонуваме.
Кажете им на сите наши браќа и сестри, ова е денот од кога почнуваат промените. Промени на имиџот на државата, промени за обединување. Ова е убедлива победа, победа на народот на Македонија. Благодарност со сите граѓани од сите политички партии и етнички заедници. Една за сите е нашата Македонија. Благодарснот до партиите кои не поддржа: до Алтернатива, Алијанса за Албанците. Благодарност до Левица. Поставивме основи за идна соработка и владина коалиција врз основа на принципи. И покрај разликите може да се обединиме околу заедничка цела. Еден опозициски блок е сосема извесен. Истиот тој ќе донесе победа на следните парламентрани избори кои многу е веројатно дека ќе бидат предвремени. Благодарност и до ЛДП и ДОМ кои најдемократски ги оставија гласачите сами да одлучат, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победи во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Охрид, Пехчево, Радовиш, Ресен, Чешиново Облешево, Ранковце. Во Скопје победи Данела Арсовска, независната кандидатка поддржна од ВМРО-ДПМНЕ.